Buch lesen: «Обземен Од Мојата Божиќна Кокета»
Обземен од мојата божиќна кокета
Contents
Признанија
1. ПРОЛОГ
2. ПРВА ГЛАВА
3. ТРЕТА ГЛАВА
4. ЧЕТВРТА ГЛАВА
5. ПЕТТА ГЛАВА
6. ГЛАВА ШЕСТА
7. ГЛАВА СЕДМА
8. ГЛАВА ОСМА
9. ЕПИЛОГ
За авторот
Ова е фиктивно дело. Имињата, ликовите, местата и случките се производ на фантазијата на авторот или се користат фиктивно и не треба да се сфаќаат како вистинити. Секоја сличност со вистински места, организации или лица, живи или мртви, е сосема случајна.
Обземен од мојата божиќна кокета Copyright © 2020 Dawn Brower
Дизајн на насловната страница од Викторија Милер.
Сите права се задржани. Не е дозволено електронско копирање или отпечатување без писмена дозвола, со исклучок на случаи на кратки цитати вметнати во рецензии.
Напишана за секој кој посакал љубов, а особено за оние кои посакале да имаат некој со кого ќе ги споделат празниците.
Приказнава нека ви ги стопли срцата.
Признанија
Во овој дел изразувам огромна благодарност на мојот уредник и дизајнер на насловната страница, Викторија Милер. Таа ми помага повеќе одошто можам да кажам. Ценам сѐ што таа прави и тоа што секогаш ме притиска да бидам подобра... да направам нешто подобро. Ти благодарам илјада пати.
Исто така на Елизабет Еванс. Ти благодарам што си секогаш тука за мене и што си ми пријателка. Многу ми значиш. Зборот благодарам не е ни малку доволен, но тоа е сѐ што имам, затоа ти благодарам пријателке, за тоа што си ти.
ПРОЛОГ
Декември 1865
Леди Аделајн Карвин гледаше низ прозорецот од библиотеката во Вајтвуд Аби. Големите снегулки се пластеа на земјата. Вечерното небо беше толку преплавено од снежниот налет што ѕвездите речиси не се разликуваа од снежно белите паспулавици. Таа продолжуваше да зјапа, со надеж дека ќе се појави ѕвезда-паѓалка.
Бидејќи... ѝ беше потребна.
Се умори од тоа да не биде сакана. Добро, тоа беше мало претерување. Семејството ја обожаваше. Секоја девојка посакува родители како нејзините, а баба ѝ и дедо ѝ ѝ беа приврзани. И нејзиниот помал брат, иако ја нервираше, ја сакаше. Но тоа не беше исто како да се биде заљубен. Имаше 21 година, времето кога треба да почувствува романтична љубов кон маж беше пред неа. Аделајн го посакуваше она што го имаа нејзините родители, војводата и војвотката на Вајтвуд. Можеби бараше премногу.
„Што има толку интересно надвор?” праша нејзиниот помал брат Џејми. Го носеше името на нивниот дедо, Џејмс Кендал, војводата од Вестон. Беше осум години помал од неа, и од она што го разбра, потполно изненадување за нејзините родители. Тие сметале дека нема да имаат повеќе деца.
„Ништо,” таа одговори ведро. Тој имаше 13 години и беше љубопитен како и секое младо момче. „Бурата засилува. Се надевам нема да ги спречи гостите во посетата за Божиќ.” Тие организираа домашна забава што ќе трае до следната година. Две недели со семејство и пријатели со кои се немаа видено. Таа со нетрпение сакаше да ја види својата помлада братучетка, Франческа Кендал. Џејми се радуваше што ќе ги види другите братучеди, Спенсер Кендал и Оливер Росингтон. Двете момчиња беа помали од Аделајн, но постари од Џејмс, и како и нејзиниот помал брат, наследници на титулата на своите татковци. Франческа беше три години помала од Аделајн.
„Подобро да не,” рече тој тврдоглаво. „Мама ни вети извонредно време со сите, дури ми вети дека ќе можам да дојдам на божиќниот бал.”
„Навистина?” рече таа, кревајќи ја веѓата. „Цела ноќ?
„Не,” рече тој и воздивна. „Смеам да останам само кога ќе се краси елката и до крајот на првиот танц.”
Вообичаено, тие ја красеа елката како семејство, но годинава, нејзината мајка Елизабет реши да ја прекине традицијата. Ќе имаат ден за креирање орнаменти за елката, а потоа, на вечерниот бал сите ќе ги закачат своите креации пред вистинскиот почеток на прославата. „Тоа повеќе звучи на нешто што би прифатила мама.”
Тој го збрчка носот. „Секако не ми е грижа за танцувањето. Тоа е за девојчиња.”
„Ох,” започна таа. „Не знам. Кога ќе потпораснеш поинаку ќе мислиш. Има господа кои уживаат во танцување.” А некои сосема го избегнуваа…
„Јас не,” одговори тврдоглаво. „Мене никогаш нема да ми се допаѓа.”
Аделајн се поднаведна и му ја разбушави косата со рацете. Обајцата ги имаа истите златни локни и сини очи како нивните родители. Џејми почнуваше да наликува на помлада верзија на својот татко, а Аделајн повеќе потсетуваше на мајка си. Немаше сомнеж кои им се родители, кога некој ќе ги погледнеше. „Ти верувам.” Ниту нивниот татко не сакаше многу танцување. Се предаваше само кога требаше да ѝ удоволи на мајка им. Војводата ќе стореше сѐ за својата војвотка. Зрачеа со нивната взаемна љубов, а тоа ја правеше Аделајн љубоморна. Таа повторно ѕиркаше низ прозорецот, но ниедна ѕвезда не паѓаше. Можеби сепак треба да си замисли желба. Може и ќе се исполни.
„Уживај во зјапањето низ прозорец,” рече Џејми. „Јас ќе правам нешто продуктивно.”
„Како на пример?” љубопитно праша таа.
„Делкам неколку парчиња дрво како подароци. Треба да го завршам коњот што го изработувам за дедо.” Тоа беше извонредна идеја. Аделајн посакуваше да поседува слична вештина за да изработи нешто креативно како подарок. Џејми беше мошне надарен, тоа му беше една од специјалните способности. Тој беше тактичен и добиваше впечатоци од предмети откако луѓе ќе ги допреа. За жал, Аделајн, според својата проценка беше емпатична. Таа премногу чувствуваше, а понекогаш во присуство на други лица, нивните чувства стануваа нејзини. Тоа ги отежнуваше социјализирањето и вљубувањето. Не можеше да им верува на своите чувства.
„Едвај чекам да ги видам.” Таа ги поткрена усните во мила насмевка. „Оди заврши ги подароците. Јас ќе поседам овде уште малку.”
„Ќе ти покажам кога ќе завршам,” тој вети и излезе од собата.
Аделајн се сврти назад кон прозорецот. Снегот беше подзабавил, не паѓаше толку многу. Небото беше повидливо, а ѕвездите како да ѝ намигаа. Воздивна. Што значеше тоа? Одлучи да не се колеба повеќе. Немаше зошто да продолжи да чека ѕвезда-паѓалка. Очекувањето ѝ беше невозможно, а и не беше гаранција дека желбата ќе ѝ се исполни.
Наместо да се надева на невозможното, таа ги затвори очите и ги испрати своите надежи и сништа кон светот. Сакаше љубов, дури и да постоеше само една ноќ, тоа ќе ѝ беше доволно, си вети.
Не бараше премногу, така барем таа се молеше. Привлечно момче кое ќе ја гледа неа, а не титулата и богатството на татко ѝ. Некој кој ќе ја бакнува дури не изгуби здив, ќе ја допира како да е неодолива, и ќе ѝ изговара слатки зборови додека не ѝ излета срцето од гради. Момент на љубов и доживотен спомен. Тоа би било доволно. Боже, се надеваше дека би било...
Аделајн ги отвори очите и гледаше кон небото. Надвор не се смени ништо, ниту пак таа почувствува некаква промена во себе. Можеби желбата беше залудна, ама таа не се согласуваше. Утре ќе почнат да доаѓаат гостите, па можеби, ако желбата ѝ биде услишена, ќе се појави некој што ќе го засака.
И можеби, неговата љубов ќе биде вистинска, а не произведена од желбата на една каприциозна дама, очајна по нешто допирливо.
ПРВА ГЛАВА
По два дена…
Девон Хејз, грофот од Винчестер гледаше низ прозорецот од кочијата, и воздивна. Не можеше да поверува дека неговиот најдобар пријател, Закараја Бартон, маркизот од Мерифилд, го убеди дека присуство на божиќен бал е добра идеја. Тој ги мразеше домашните забави, а Божиќ за него никогаш не претставувал весел настан. Единствен пат кога уживаше во празничната сезона беше кога имаше среќа да ја помине со семејството на Закараја, додека одеа во Итон.
„Ветувам дека нема да биде толку страшно“, рече Мерифилд по стоти пат во изминатите неколку часа. „Обиди се барем да се претвораш дека ти е забавно. Ќе има и други личности кои ги познаваш.”
Девон се сврти кон него и ја поткрена веѓата. „А кој би можел да биде тоа?”
„Гудланд и Линдси со сигурност,” одговори Мерифилд. „Можеби Хампстед. Тој не одлучува до последна секунда, ама сестра му ќе присуствува, а нејзе ќе ѝ биде потребен придружник. Мислам дека мајка му ќе го убеди да се појави.”
Џона Адамс, виконтот од Гудланд; Метју Грант, војводата од Линдси; и Даниел Ендрјуз, грофот од Хампстед беа нивни блиски пријатели, но тоа ни оддалеку не значеше дека Девон беше возбуден што ќе присуствува на двенеделна претенциозна весела будалштина. Од тоа му се креваше во стомакот. „Ми го кажуваш тоа што мислиш дека сакам да го слушнам.“ Зјапаше во пријателот. „Ниеден од нив не доаѓа, така?”
„Можеби ќе дојдат,” инсистираше Мерифилд.
Преостанатите тројца пријатели најверојатно се враќаа дома да слават со своите семејства. Тие сѐ уште имаа родители кои се грижеа за нив. Само Девон и Мерифилд беа сираци. Барем Мерифилд сѐ уште ја имаше мајка си, ама ја избегнуваше по секоја цена. Неговиот пријател не се вклопуваше добро со гневните погледи кои старата дама ги стрелаше кон него.
Девон беше сам од своја петгодишна возраст. Го израсна гувернанта, а потоа, кога порасна, го испратија во училиште. Потоа се справуваше со адвокати за старатели и слуги како придружници. Додека мајката на Мерифилд користеше студени омаловажувања без да трепне со очи, Девон немаше никој кој би му негодувал. Неговиот живот беше празен, со исклучок на пријателите, и таков и го сакаше. Немаше желба да го шири својот социјален круг или да си бара сопруга. Во неговиот живот имаше само едно место за жена, во кревет додека го задоволува, и не сакаше да се окова за една до крајот на животот.
„Така и си мислев.” Девон ја пројде со рака својата темно кафена коса. „Ме излажа.”
„Не те излажав,” рече Мерифилд. Звучеше речиси навреден што Девон го обвини за глупост. „Можно е да дојдат и тоа е вистината. Ми кажаа дека ќе дојдат подоцна, по семејните прослави.”
„Значи,” започна Девон. „Нивното присуство ќе биде на ден-два, а ние ќе заглавиме 14 дена. Тоа и не е некој правичен договор.“ Да не му се допаѓаше Мерифилд, Девон ќе размислуваше за убиство... или во најмала рака, осакатување. Во секој случај, ќе го натераше да плати за измачувањето на кое го изложуваше Девон.
„Сепак сметам дека се однесуваш како разлигавено дете,” му рече Мерифилд. Во неговиот глас се чувствуваше фрустрација . „Знаеш дека морав да дојдам. Зарем ќе ме оставеше да страдам сам?”
Девон воздивна. Повторно. Слободно можеше да го повторува тоа напнато издишување следните неколку дена. Мерифилд имаше право. Не би го пуштил пријателот сам да присуствува на домашната забава. Неговиот пријател сѐ уште ја немаше контролата врз своите пари. И ќе ја нема додека не стане полнолетен, уште три години, доколку не се ожени. Човекот одговорен за средствата на Мерифилд го присилуваше да доаѓа на празничните свечености. Мерифилд мораше да се појави двапати годишно за војводата од Вајтвуд да може да поразговара со него и да се увери дека не сторил некаква глупости, па потоа ќе му дозволи надоместок за следниот квартал. Мерифилд го мразеше секој момент од истото.
„Можеш да се ожениш и да завршиш со Вајтвуд и неговите постојани испрашувања,” Девон го подбуцнуваше.
„Навистина си нерасположен, нели?” Мерифилд го клоцна по колено од другиот дел на кочијата. „Што ќе ми препорачаш следно?” Ја поткрена веѓата. „Да се оженам со ќерката на војводата?”
„На подобна возраст е?” Може ќе зажали за насоката во која тргна разговорот, но сега кога започна, не можеше да запре. „Можеби помило ќе те гледа ако ќерка му се заљуби во тебе.”
„Нема шанса ни во пеколот,” рече Мерифилд со гадење. „Попрво би јадел пити со кал следните неколку месеци отколку да...“ Тој се стресе. „Се оженам со неговата обична ќерка.”
Девон никогаш ја немаше видено ќерката на војводата. Не ѝ го знаеше ниту името, а и не сакаше да го дознае. Да се запознава со подобни девојки не му беше ниту на дното од списокот со подвизи, тоа воопшто не се сметаше. „Обичното не е грдо“, рече. Мерифилд ќе го удреше...
„Па, не е ни убаво.” Одговори изреволтирано. „Поентата е во секој случај спорна. Може да биде најубавата жена која некогаш сум ја запознал, пак нема да се оженам со неа. Не знаеш каков е војводата. Тој е проклет вонвременски пират. Се колнам, би обожавал да ме однесе на море и да ме натера да одам по штица, ако тоа е сѐ уште прифатливо.
„Е, сега претеруваш. Никој не би го сторил тоа, а и војводата не би се препуштил на пиратство. Не верувам дека е толку лош како што ти го претставуваш.”
„Добро, можеби не е вистински пират, ама би бил добар. Ги има сите особености. Не знам како татко ми воопшто станал пријател со него и зошто сметал дека ќе ми биде добар старател. Луд е, ти велам.”
„Ќе се воздржам од коментари,” рече Девон. Колку повеќе слушаше за војводата што личи на пират, толку повеќе сакаше да го запознае. Навистина не веруваше дека би можел да е толку ужасен како што веруваше Мерифилд.
Аделајн го облече најстариот фустан и позајми престилка од една од слугинките за да ги закачи декорациите во библиотеката. Тоа беше нејзината најомилена соба од палатата и сакаше да ѝ даде личен допир. Се симна од скалите откако ги закачи гранките зеленика по столбовите на таванот. Аделајн ја избриша потта од веѓите и гледаше во нејзиното дело. Изгледаше еднакво и прекрасно наспроти темното дрво. Зелениката беше подеднакво наместена. Сега требаше само да ја закачи имелата во средината на собата. Нејзината мајка имаше смешна замисла дека им треба многу имела низ целата куќа. Дали навистина веруваше дека сите ќе се препуштат на бакнување заради традицијата? Тоа би било скандалозно, а Аделајн не сакаше да се фати во ништо што би довело до нејзина пропаст. Но, мајка ѝ сакаше така, а Аделајн не сакаше да ја разочара.
„Прекрасно е,” рече мајка ѝ, Елизабет, војвотката од Вајтвуд. „Ти си творец на чуда. Може ќе ти дадам да ги надгледуваш декорациите во балската соба за танцот кога ќе дојде време за тоа.”
„Ако сакаш, тогаш да, со задоволство би помогнала.” Аделајн ги крена усните во срдечна насмевка. „Уживам да бидам креативна.”
Мајка ѝ го избриша носот. „Ти се собрала малку прашина на лицето. Доврши тука и избањај се. Не сакам да изгледаш како слуга за време на вечерата.”
„Бања би ми дошла добро,” призна таа. „Имам уште неколку работи да завршам тука, па ќе се качам во одаите и ќе се избањам.” Аделајн мразеше да ги остава работите недовршени. Тоа по малку ја лутеше, кога нешто не беше наместено. Мораше да заврши сѐ пред да ја напушти собата.
„Ќе те оставам да довршиш. Почнаа да пристигнуваат гости, мора да се погрижам да бидат пречекани и да им бидат покажани собите.”
Аделајн кимна со главата. „Ако ти треба помош со нешто, кажи ми. Со задоволство ќе ги забавувам гостите.” Ова беше нејзин дом, сакаше сите да уживаат во него колку и таа. Иако, искрено, не веруваше дека е тоа возможно. Палатата беше преполна со спомени кои не би можеле да се ценат доколку не биле доживеани. Никој не би можел да ја сака толку како неа, освен нејзините. Еден ден ќе му припаѓа на Џејми, а ако таа не се омажи, ќе биде само обична стара мома зависна од великодушноста на брат ѝ.
„Убедена сум дека сѐ ќе биде во ред,” рече мајка ѝ. „Но, ако ми биде потребна твојата помош, ќе испратам некој слуга да те повика.“ Ја бакна во образ. „Биди добра девојка и првин погрижи се за себе.” Со тие зборови мајка ѝ се сврте и ја напушти собата.
„Леди Аделајн,” рече слугинката Сели. „Вака ли сакате да виси?”
Таа се сврте кон Сели и проучуваше како ја закачуваше зелениката по ѕидот. „Да“, рече, „но исправи ја малку. Не е рамна“.
Слугинката ги послуша насоките и беше совршено. „Вака?“ запраша.
„Да,” рече Аделајн. „Така.”
„Сигурна си?” се слушна машки глас. Неговиот тон беше богат и топол, како топол мед со виски.
Аделајн се сврти среќавајќи го неговиот поглед и тешко подголтна. Тоа беше најзгодниот маж што некогаш во животот го видела. Неговата коса беше густа и сјајно кафена и изгледаше погалена од сонцето иако беше средина на зимата, а неговите очи беа чудесно злато што ја маѓепса. „Се извинувам,” започна таа. Гласот ѝ подзарипнуваше додека говореше. „Не мислите дека изгледа добро?”
„Ох,” рече тој, со широка насмевка. „Изгледа во ред. Не би знаел да кажам дали добро или лошо. Прашав само дали си сигурна дека така сакаш да стои. Ја гризеше долната усна како да сакаш самата да ја поправиш. Навистина беше прекрасно.”
Нејзе не ѝ се обраќаа господа. Ја игнорираа, затоа Аделајн не знаеше како да реагира на тој што стоеше пред неа. Иако, искрено, таа ретко посетуваше балови и се мешаше во друштвото. Се откажа по една лоша сезона. Социјализирањето не беше за неа, секогаш правеше хаос од работите. „Сигурна сум дека е како што сакам.” Некако успеа да го стабилизира гласот кога говореше. И самото тоа беше неочекувано чудо. „Се изгубивте?” Тоа звучеше глупаво...„Мислев, дали ви ја покажаа одајата?”
„Се нудиш да ме испратиш дотаму?” Тој соблазниво ги поткрена веѓите. „Би можел да се претворам дека се изгубив, ако сакаш да ми се придружиш.“
Аделајн неколку пати ја отвораше и ја затвораше устата. Дали тој ѝ предложи да водат љубов? Образите ѝ се затоплија, мора да беше црвена како панделките кои ги красеа гранчињата зеленика. „Ам…” Не можеше да најде зборови. Мозокот ѝ се блокираше. „Лорду…”
„Девон,” рече. „Те молам викај ме Девон. Ќе бидеме преблиски за формалности.” Тој беше мангуп... Таа би се обложила со сето свое наследство во тоа. Би ја искористил на најлошиот начин доколку му дозволи. Страшно ли беше што ја искушуваше? „Јас сум Ади,” рече таа. „И во ред сум со тоа да го користам твоето прво име, ама поблиски од тоа нема да бидеме.”
„Ќе видиме.” Намигна. „Убава Ади, моја мила, ќе видиме.” Се сврти и се оддалечи од неа. Таа трепна неколку пати мислејќи дека си ја замислувала средбата. Девон беше лукав и премногу привлечен за негово добро, и таа претчувствуваше дека има право.
Ќе ѝ се прилепи за срце и ќе го скрши пред да заврши, но таа никогаш не била возбудена што ќе изгуби дел од себе. Аделајн го посакуваше, и покрај тоа што можеби беше само еден временски миг и ништо повеќе. Само еднаш посакуваше да почувствува дека може да биде сакана, и ова можеби беше исполнување на желбата од пред некоја ноќ. Немаше да дозволи да ѝ пропадне...
ВТОРА ГЛАВА
Девон свиркаше додека се движеше кон собата за занимливости. Се беше договорил да се сретне со Мерифилд и да поиграат билјард откако ќе се сместат. Палатата беше поголема одошто Девон очекуваше и некако успеа да фати погрешна насока. Му беше мило бидејќи во спротивно немаше да ја види прекрасната слугинка која ги закачуваше украсите во библиотеката. Таа беше златокоса убавица која му ја зовре крвта. Можеби забавата и нема да биде толку лоша. Ќе ја намами Ади во неговата постела, па нема да му биде здодевно.
Таа се вцрви кога тој флертуваше со неа. Тоа му беше интересно. Значеше дека не ја дава својата наклонетост така лесно, па затоа му делуваше уште попривлечно. Девон немаше проблем да ја заведе за да биде со него. Таа за него беше неочекуван подарок, но тоа бездруго ќе го цени.
Der kostenlose Auszug ist beendet.